Телефонски разговор Бајден - Зеленски
Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот украински колега, Володимир Зеленски денеска треба телефонски да разговараат. Разговорите доаѓаат во време кога САД се подготвуваат за претстојните дипломатски ангажмани за деескалација на тензиите со Русија, откако почна засилувањето на руската војска во близина на Украина.
За време на повикот Бајден има намера „да ја потврди поддршката на САД за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина сочен со руската агресија“, изјави претставник на Белата куќа.
Ова ќе биде втор телефонски разговор меѓу Бајден и Зеленски за три недели. Белата куќа се обидува да одговори на воената закана, која го вознемири НАТО, а властите во Киев изразија загриженост дека Русија би можела да ја нападне Украина во следните недели.
Повикот следи по разговорите меѓу Бајден и рускиот претседател Владимир Путин на 30 декември, во кои Бајден рече дека Соединетите Држави и нивните сојузници ќе воведат строги санкции кон Русија доколку таа ја нападне Украина.
Русија распореди околу 100 илјади војници во близина на нејзината граница со Украина, бидејќи бара опсежни безбедносни гаранции од САД и НАТО.
Конкретно, Москва сака НАТО да го одбие членството на Украина и другите поранешни советски земји и да го повлече военото распоредување во Централна и Источна Европа.
Путин навестува војна во Украина - руската телевизија ја засилува заканата
Администрацијата на Бајден и НАТО велат дека Алијансата има политика на отворени врати и дека ниту една земја не треба да има вето врз аспирациите на друга земја.
Бајден и Путин за време на нивниот разговор на 30 декември поставија основата за одржување на три сета разговори за надминување на кризата.
Официјални претставници на САД и Русија ќе се состанат на 9 и 10 јануари во Женева за да разговараат за контролата на вооружувањето и зголемените тензии околу Украина во рамките на нивниот билатерален Стратешки дијалог за стабилност.
После тоа ќе следи одделен состанок на Советот Русија-НАТО во Брисел на 12 јануари.
Еден ден подоцна ќе се одржи уште еден состанок во Виена во рамките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), во која се вклучени САД, нивните европски сојузници, Украина и Русија.