Шекеринска - Немам амбиции да бидам идниот амбасадор во НАТО
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека нема амбиции да биде идниот амбасадор на НАТО. Таа вели дека прво треба да си ја заврши работата како министерка за одбрана, а потоа да си прави планови. Според неа, Северна Македонија има одличен амбасадор во НАТО, кој е таму повеќе од една година.
„Тоа е една од позициите каде гледаме колку е важно добри луѓе да бидат на вистински места, особено заради тоа што допрва го создаваме впечатокот за нова членка. Важно е да имаме многу посилен тим во НАТО“, рече Шекеринска, која денеска беше во посета на армискиот полигон „Криволак“. Таа направи увид во градежните работи кои се извршуваат на повеќе објекти и на активностите на обиколницата на полигонот.
Амбасадор на Македонија во НАТО е Дане Талески.
Прашана од новинарите дали и со кои предизвици се соочува Северна Македонија во 2022 година и дали може да има влијание од политичко-безбедносен аспект она што се случува меѓу Косово и Србија и во Босна и Херцеговина, Шекеринска оцени дека и натаму ќе има предизвици типични за нашиот регион, но и предизвици со кои се соочува светот.
Шекеринска си заминува оти СДСМ не ги научи лекциите
Шекеринска пред нова година изјави дека нема да биде дел од новиот владин кабинет оти, како што вели, не се согласува со дел од политиките на партиското раководство.
Деновиве се очекува новиот лидер на СДСМ и мандатар за состав на влада Димитар Ковачевски да го соопшти новиот владин кабинет.