Унгарија дозволи и четврта доза вакцина против ковид
Унгарија ќе понуди четврта доза на вакцина против ковид-19 на луѓето кои ќе ја побараат, по консултација со лекар, соопшти денеска Гергели Гуљас, шеф на кабинетот на премиерот Виктор Орбан.
Вчера Данска стана првата земја-членка на ЕУ која понуди четврта доза вакцина против ковид за најранливите граѓани. Четврта доза во светот веќе понудија Израел и Чиле.
Унгарија во моментот се бори со петтиот бран на инфекцијата предизвикан од високо заразната варијанта омикрон.
Рекорден број заразени со омикрон во голем број држави
Гуљас рече дека владата не очекува брзо да се зголеми бројот на хоспитализирани и на смртни случаи и покрај тоа што се очекуваат дневните бројки на заразени да достигнат рекорд каков што немало досега.
Во земјата на 13 јануари се регистрирани 9.216 нови случаи, а претходниот ден имало 7.883 заразени, но бројот на пациенти што се лекуваат во болница се намали.
Во Унгарија досега од ковид починале 40.164 луѓе.
Нешто повеќе од шест милиони Унгарци досега примиле најмалку две дози вакцина, а 3,3 милиони добиле и трета доза. Во земјата има 9,8 милиони жители.