Продолжува протокот на сурова нафта од Ирак во Турција
Турскиот државен нафтен оператор денеска соопшти дека протокот на сурова нафта продолжува преку нафтоводот што ги поврзува ирачките енергетски полиња со меѓународните пазари, пренесе АФП.
Експлозијата во вторникот долж нафтоводот Киркук-Џејхан во јужна Турција, ги зголеми меѓународните цени на сурова нафта на највисоко ниво во последните седум години.
Нафтоводот вообичаено носи повеќе од 450.000 барели дневно од нафтените полиња во северен Ирак до турското пристаниште во Средоземното Море.
Ердоган ја повика Русија да не ја напаѓа Украина
Турскиот државен нафтен оператор Ботас рече дека пожарот бил целосно изгаснат доцна во вторникот, но не даде никакви индикации што ја предизвикало експлозијата.
„Екипите на Ботас ги презедоа сите неопходни мерки на претпазливост и протокот на нафта продолжи“, соопшти компанијата.
Официјални лица во близина на местото на експлозијата, во градот Кахраманмарас, рекоа дека раните наоди покажале дека прекинот и последователната експлозија биле предизвикани од „електричен столб што се превртел при неповолни временски услови“.
Инцидентот се случи за време на обилни снежни врнежи во ретко населениот регион во јужна Турција.