Дел од министрите во црногорската влада вечер на протест
На протестот пред зградата на Владата на Црна Гора во 19 часот најавено е присуството на министерот за финансии Милојко Спајиќ, министерот за економија Јаков Милатовиќ, министерот за здравство Јелена Боровиќ - Бојовиќ и министерката за образование, наука, култура и спорт Весна Братиќ.
Појавувањето на министрите на уличниот протест е поврзано со иницијативата на граѓанското движење „Ура“ и опозициските партии за изгласување недоверба на Владата на Здравко Кривокапиќ и формирање малцинска влада без актуелните министри. Во Собранието на Црна Гора на 4 февруари е закажано гласање за недоверба на актуелната Влада.
Абазовиќ: Правиме влада на помирување, сите се добредојдени
Министерот Јаков Милатовиќ неодамна за црногорската телевизија изјави дека постои можност премиерот Кривокапиќ да формира политичка партија кон која би се приклучил.
Од поднесувањето на иницијативата (19 јануари) за изгласување недоверба на Владата на Здравко Кривокапиќ, во Подгорица и во неколку други градови се одржуваат едночасовни вечерни протести на кои присуствуваа неколку стотици граѓани, а чии организатори не се идентификувани. Евентуалното формирање малцинска влада, по уривањето на постоечката, учесниците на протестите го сметаат за „предавство на изборната волја на граѓаните“ и бараат новата влада да ја формираат партиите од актуелното парламентарно мнозинство составено од Демократскиот Фронт, Социјалистичката народна партија, Демократите и граѓанско движење „Ура“.