Во Грција со задолжителен негативен тест, продолжени правилата за влез
Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“ стапува во сила утре, а ќе важи до 7 февруари 2022 година во шест часот.
Негативен резултат од ПЦР тест направен до 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето, заедно со пополнет PLF формулар се задолжителни за влез во Грција, без разлика дали посетителите се вакцинирани, дали прележале Ковид-19 или се невакцинирани.
Рекордни нови случаи на ковид во Грција, скок на бројките во Србија и Косово
Паралелно, нема промени и во однос на невакцинираните патници од 16 земји меѓу кои и од Северна Македонија, кои освен негативен тест пред патувањето, потребно ќе биде да добијат и негативен тест на самата граница при задолжителното тестирање од грчките власти.
Задолжителното тестирање при влезот, не важи за вакцинираните кои имаат сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза и оние кои прележале Ковид-19 и имаат потврда што важи 14 дена по првиот позитивен резултат и до 90 дена подоцна.
Во однос на потврдите за прележана болест и промените воведени минатиот месец, согласно одлуката, оние кои се издадени од 15 јули 2021 година до 31 октомври 2021 година важат до 31 јануари 2022 година, а останатите се со траење до 90 дена по првиот позитивен резултат. Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.