ДУИ за укинување на техничката Влада само со консензус
ДУИ смета дека какви било промени на Законот за Влада заради укинување на техничката Влада треба да се направат во согласност со најголемите политички партии. Предлогот, како што појасни Арбр Адеми од ДУИ, го добиле денеска на координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери.
„Тој Предлог-закон се разгледува од нас како партија. Добро е да има консензус имајќи ја предвид воспоставената пракса за донесување на вакви значајни законски решенија од порано и овој Закон кој се изменува и дополнува е донесен и предложен со консензус. Треба да се следи таа пракса. Иако има договор за укинување на пржинската влада, техничката влада, имајќи предвид дека не е логично земја членка на НАТО и земја аспирант за да почне и официјално преговори со ЕУ да има техничка влада за спроведување на избори поради немање доверба кај институциите. Така што остануваме на ставот дека треба со консензус да се предлага ваков предлог-закон . Имаме време пред нас, за да се анализираат најдобрите решенија околу ова прашање, евентуално и други прашања кои би требало да се дорегулираат во Законот за владата“, рече Адеми.
Тој додава дека партијата нема против и има договор и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката или пржинската влада.
„Вие знаете дека секогаш за ваквите законски решенија претходеле преговори, дискусии помеѓу политичките партии и затоа не е добро еднострано да се предлагаат. Затоа велиме дека врз основа на тој договор постигнат помеѓу ДУИ и двете најголеми политички партии од македонскиот блок треба да се реализира, но, секако за тоа треба консензус помеѓу политичките партии за да се преточи во конкретни законски одредби“, рече Адеми.
СДСМ против измени на Законот за Влада и предвремени избори
И ДУИ како и СДСМ, вели дека е на ставот дека предвремени парламентарни избори нема да има.
ВМРО-ДПМНЕ денеска го достави до Собранието предлогот за укинување на техничката влада и ја повика власта да го поддржи заедно со барањето за предвремени избори. Предложените измени на Законот предвидуваат бришење на околу девет точки од законот, со што практично техничката влада би заминала во историја, но и дека измените одат со барање за предвремени избори.
Решението за техничка Влада првично беше применето по кризата која настана, откако Зоран Заев како лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на „бомбите“, по што следеа предвремени избори.