СДСМ против измени на Законот за Влада и предвремени избори
Од СДСМ сметаат дека какви било измени на Законот за влада треба да бидат усогласени меѓу четирите најголеми партии во Собранието, а за тоа, според партијата, има време, бидејќи предвремени избори нема да има, туку редовни во 2024 година.
„ВМРО-ДПМНЕ беше против укинувањето на техничката влада откако ги изгуби изборите во 2016 година, иако таа требаше да биде само за тие избори. Добро е што сега ВМРО-ДПМНЕ по толкав период признава дека нашата држава има институции кои можат да спроведат фер и демократски избори и за разлика од 2016 година кога државата беше категоризирана како заробена, денеска е држава која може да спроведе фер, демократски и слободни избори признаени од сите, изјави координаторот на СДСМ Јован Митревски.
Според него, спорен е начинот на кој е доставен предлогот, односно не се консултирани другите партии, а за какви било измени на Законот за влада треба да има консензус меѓу четирите најголеми политички партии во Собранието. Митревски додаде и дека спорен е и тајмингот на поднесување на овој закон.
ВМРО-ДПМНЕ го достави предлогот до Собранието за укинување техничка Влада
ВМРО-ДПМНЕ денеска го достави до Собранието предлогот за укинување на техничката влада и ја повика власта да го поддржи заедно со барањето за предвремени избори. Предложените измени на Законот предвидуваат бришење на околу девет точки од законот, со што практично техничката влада би заминала во историја, но и дека измените одат со барање за предвремени избори.
„На Македонија веднаш и се потребни итни предвремени парламентарни избори. За таа цел пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Влада. Со овој Предлог на закон, ние бараме бришење на одредбите од законот за начин на избор на влада кои предвидуваат 100 дена пред одржувањето на парламентарни избори да се избере нова, преодна влада“, изјави координаторот на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Втората клучна интервенција во овој Предлог-закон, според Мицевски, е што согласно Деловникот за работа на Собранието предлагаат и бараат тој да биде ставен како точка на дневен ред на 61. седница на Собранието кое треба да се одржи во среда, 26 јануари.
Решението за техничка Влада првично беше применето по кризата која настана, откако Зоран Заев како лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на „бомбите“, по што следеа предвремени избори.
Од 2016 година досега Северна Македонија имаше две технички влади, првата предводена од Емил Димитриев, втората од Оливер Спасовски. Согласно сегашното законско решение техничкиот премиер го предлага партијата на власт, најголемата опозициска партија ги предлага министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Власта има свои заменици во МВР и МТСП, додека опозицијата има свои заменици во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство, шумарство и водостопанство.