Бугарската истрага утврди дека возачот на „Беса Транс“ е одговорен за несреќата
Шефот на бугарската националната истражна служба, Борислав Сарафов изјави дека возачот на автобусот е крив за несреќата на автопатот Струма во која загинаа 45 лица.
„Причината е губење контрола врз автобусот од страна на возачот. И големата, да речеме, несоодветна, но не и над дозволеното брзина“, изјави Сарафов за БГНЕС по затворање на случајот.
Сега, според него, останува да се изврши судска наредба во Северна Македонија и да се известат роднините на жртвите оти имаат право да направат увид во материјалите.
На 23 ноември 2021 година во раните утрински часови, автобусот на „Беса Транс“ којшто од Истанбул се враќаше со туристи, удри во ограда на автопатот Струма, кај селото Боснек, при што загинаа 45 лица, од кои 12 деца, а седуммина преживеаја.
Паралелно на ова, Основното јавно обвинителство Скопје постапува во предмет кој се однесува на работењето на правниот субјект - организатор на патувањето, односно фирмата Беса транс, како и постапувањето на други надлежни органи.
Бугарските обвинители по несреќата соопштија дека аутопсиите на жртвите покажале дека сите загинати починале од задушување, а не од ударот, односно дека биле живи во моментот на избувнување на пожарот. Уште на почетокот водечка верзија беше дека станува збор за човечка грешка.
Жртвите од несреќата во Бугарија достојно испратени до вечните почивалишта
Десет дена по несреќата, со воени авиони од Бугарија беа донесени посмртните останки на загинатите во несреќата. Повредените патници и беа сместени во софиската болница „Пирогов”, а неколку денови по несреќата, во зависност од сериозноста на повредите, беа пренесени на скопските клиники.
По несреќата беа прогласени денови на жалост и во Македонија и во Бугарија. А неколку општини и Град Скопје, од каде што се потекнувале жртвите, дел од својот буџет одделија за помош на семејствата на жртвите.