Сали: Нема нови рестриктивни мерки, утре ќе се одлучува за скринингот
Министерот за здравство Беким Сали изјави денеска дека засега нема потреба од нови рестриктивни мерки. Според него, има благо зголемување на бројот на хоспитализирани и благо намалување на бројот од аспект на новоинфицирани. Тој рече дека засега не се планира укинување на ковид сертификатите.
Сали додаде дека откако стапил на функцијата секој ден му е посветен на преземањето мерки и формирање нова и надградена Комисија за заразни болести, коментирајќи ја поканата на Фејсбук на тројцата професори Драган Даниловски,Никола Пановски и Вело Марковски да се приклучат како членови и со тоа да придонесат во нејзината работа. Според него, не е период за лични дискусии и молење и други начини на покани, туку сега е период на засукување ракави со цел справување со пандемијата.
„Поканата е јавна до сите експерти. Во случај на пандемија, односно во случај кога ние се бориме против еден вирус мислам дека не би требало да пристапуваме со начинот како сме повикани, туку треба да пристапиме позитивно кон поканата и да одговориме и да бидеме членови на комисии, односно работни групи каде што се судруваат или се дискутираат аргументи со цел доаѓање до некое одредено, привремено, можеби и трајно решение“, потенцира министерот Сали, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за детски болести.
Сали- второто полугодие ќе биде со физичко присуство
Тој додаде дека Комисијата за заразни болести се состанува секој вторник, затоа што тоа се смета како ден за евалуација на епидемиолошката недела од понеделник до понеделник.
Сали најави дека на утрешната седница на Комисијата ќе се одлучува како и кога ќе биде спроведен скринингот во училиштата. Според него, скринингот ќе биде изведен преку центрите за јавно здравје кои ја водат евиденцијата на сите позитивни случаи.
„Првата недела е многу важна за да се реагира брзо доколку има потреба од преземање на дополнителни мерки“, изјави Сали.
Утре почнува второто полугодие со физичко присуство, кое беше прологирано за две недели поради епидемиолошката состојба во земјата.