Екстрадиран од Русија лидерот на таџикистанските мигранти
Лидерот на таџикистанските мигранти во Русија Амридин Аловатшоев е екстрадиран во централноазиската држава, соопштија за прв пат таџикистанските власти по еден месец од неговото исчезнување кое предизвика загриженост кај неговите роднини и пријатели.
Таџикистанскиот шеф на обвинителството Јусуф Рахмон изјави дека Аловатшоев бил екстрадиран од Русија на барање на таџикистанските власти поради кривично дело покренато против него. Рахмон не даде никакви детали ниту одговори на прашањата за какво кривично дело станува збор.
Семејството на Аловатшоев во оддалечениот регион Горно-Бадакшан во Таџикистан претходно изјави дека последен пат се слушнале со него на 11 јануари.
Локалните таџикистански медиуми тогаш објавија дека Аловатшоев бил „киднапиран“ во Русија за да може да биде екстрадиран во Душанбе на 13 јануари. Таквите тврдења таџикистанските власти ги негираа.
Од Министерството за внатрешни работи тогаш за РСЕ изјавија дека Аловатшоев не бил на листата со потерници по кои се трага.
Исчезнувањето на Аловатшоев се случи откако обвинителите, наводно, покренаа нова истрага за четиридневните демонстрации во нестабилниот регион во кои загинаа три лица и беа повредени најмалку 17 други во ноември.
Протестите во главниот град на провинцијата, Хоруг, избувнаа на 25 ноември, откако безбедносните сили убиле осомничен маж за кој имало покрената потерница поради обвинение за киднапирање.
Собирот стана насилен кога демонстрантите се обидоа да ја заземат зградата на локалната власт, по што безбедносните сили отворија оган врз толпата, тврдеа тогаш очевидци за РСЕ.