Пендаровски, Мицкоски, делегација на Собранието и други положија цвеќе на гробот на Делчев
По повод одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на Гоце Делчев, бројни делегации положија цвеќе на гробот на револуционерот во црквата Свети Спас во Скопје. Венци положија и се поклонија петседателот Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од потпретседателот Горан Мисовски во состав Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска, владина делегација составена од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.
Ковачевски- почит за историскиот придонес на Делчев во создавањето на македонската државност
На гробот на Гоце Делчев цвеќе положија и претставници на Армијата, делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот Христијан Мицкоски, на Светскиот македонски конгрес, на Матицата на иселениците, на општини, здруженија и граѓани.
Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ денеска во македонското Собрание ќе поднесе и декларација со која, како што рече, сакаат да добијат поддршка од сите политички партии, и парламентарни и вонпарламентарни, за зацврстување на темелот за ликот и делото на Гоце Делчев.
„Очекувам сите политички партии без разлика дали се парламентарни или се надвор од Парламентот да ја поддржат декларацијата“, рече Мицкоски кој не сакаше да даде повеќе детали за содржината на декларацијата и најави посебна прес-конференција на оваа тема во Собранието.
ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи во Собрание декларација за Гоце Делчев
На прашањето за став во врска најавата за заедничко чествување на Гоце Делчев со Бугарија Мицкоски нагласи дека нема ништо против ако се слави тој како голем Македонец и македонски син.
„Ако се слави 150-годишнината од раѓање на големиот Македонец, македонски син Горѓи Гоце Делчев немам против“, рече Мицкоски.
Инаку цвеќе на гробот на Гоце Делчев во 13 часот во Скопје ќе положат и делегации од Бугарија. Бугарската делегација во земјава ќе ја предводи шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, која ќе положи цвеќе на централната свеченост по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, заедно со македонската министерка за култура Бисера Костадинова Стојчевска и заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
Заедничко одбележување на раѓањето на Гоце Делчев со Бугарија, зближување или нови несогласувања?
Во состав на бугарската делегација, како што потврдија за МИА од бугарското МНР, ќе бидат и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова и претседателот на парламентарната комисија за култура Тошко Јорданов.
Одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Делчев продолжува напладне во НУ Музеј на македонската борба, каде што претседателот Стево Пендаровски ќе ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-2022)“, што ја организира Државниот архив на Северна Македонија, а е под покровителство на шефот на државата.
.