Марш посветен на самохраните и еднородителските семејства
Мирен марш ќе биде организиран денеска во Скопје за да се подигне свеста во јавноста за секојдневните проблеми со кои се соочуваат самохраните и еднородителските семејства.
Една може и сама, ама мора да помогне и државата
„Поводот за организирање на овој марш се сериозни прашања и барања на нашите членки. Сакаме да ја искажеме и прикажеме сликата на самохраните и еднородителските семејства пред целата македонска јавност и сите чинители во македонското општество. Темата за самохраните родители не смее да биде табу. Не повеќе“, соопшти тимот на „Една може“, кои се организатори на маршот.
Оваа организација се залага за заштита и усогласување на своите интереси и уверувања за унапредување на родовата еднаквост и женските права, со акцент на самохраните родители и еднородителските семејства.
Маршот ќе почне во 13 часот од Жена-парк и ќе се движи до Министерството за труд и социјална политика.