Германскиот канцелар патува во Украина и Русија додека растат тензиите
Западните разузнавачи предупредуваат дека се ближи руската инвазија на Украина, а Германија се придружи на земјите кои ги повикаа своите државјани да ја напуштат Украина што е можно поскоро.
Неколку земји ги повикаа своите граѓани да ја напуштат Украина поради страв од руска инвазија
Шолц в понеделник ќе ја посети Украина, што е негова прва посета на Киев во својство на канцелар, а во вторник ќе ја посети Москва. Пред тоа тој ги повтори своите предупредувања до Русија, како и заложбите за продолжување на дипломатските напори во различни облици.
„Наша задача е да спречиме војна во Европа, да испратиме јасна порака до Русија дека секоја воена агресија би имала последици, кои би биле доста големи за Русија и дека сме обединети со нашите сојузници“, рече Шолц во обраќањето пред Горниот дом во Парламентот во петокот.
Тој вели дека истовремено се користат сите шанси за разговори и за натамошен развој.
Шолц претходно изјави дека Москва ќе сноси „тешки последици“ доколку ја нападне Украина, но не прецизираше какви.
Русија распореди повеќе од 100 илјади војници во близина на границата со Украина и започна низа воени вежби во тој регион, но тврди дека не планира да изврши инвазија на Украина.
Москва бара гаранции од Западот дека НАТО нема да дозволи Украина и другите поранешни советски републики да станат членки на Алијансата и дека воениот сојуз ќе престане да праќа оружје во Украина и ќе ги повлече своите сили од Источна Европа. САД и НАТО ги отфрлија тие барања.