Зголемен број нови случаи на Ковид-19 меѓу децата на училиште
Има подобрување на епидемиолошката ситуација, но расте бројот на нови случаи на Ковид-19 меѓу децата што следат наставата со физичко присуство на возраст од шест до 14 години, информираше претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
„Апелираме буквално да се следат протоколите за настава со физичко присуство, а учениците и родителите да го прифаќаат тестирањето“, истакна Петличковски.
Сепак тој соопшти дека нема простор за загриженост, а информираше за отворањето на уште три пунктови за тестирање во Скопје – во Ѓорче Петров, Идадија и Битпазар.
На нив тестирањата ќе може да се закажуваат од матичен лекар.
Започна скринингот за да се види националниот имунитет од Ковид 19
Од вчера започна да се спроведува серолошкиот скрининг за да се види до каде е имунитетот на населението за Ковид-19. Скрининг-тестирањето на антитела на Ковид-19 се врши по случаен избор, на примерок од 1.000 испитаници во Скопје.
Според Петличковски, првите резултати се очекуваат во почетокот на идната недела.