Петровска се сретна со украинската амбасадорка Задорожњук
Министерката за одбрана на Северна Македонија Славјанка Петровска денеска во Министерството за одбрана оствари средба со ополномоштената амбасадорка на Украина Наталија Задорожњук.
На средбата уште еднаш било потенцирано дека Северна Македонија, како и сите останати земји членки на НАТО, дава недвосмислена поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, информира Кабинетот на Петровска.
Средбата се случува во услови кога западните лидери велат дека Русија, која распореди десетици илјади војници во близина на границите со Украина, вклучително и во соседна Белорусија, планира целосен напад врз земјата. Москва од друга страна вели дека нема планови за инвазија. Западните лидери велат дека во случај на инвазија, Западот ќе воведе уште пожестоки санкции против Русија.
„Паника“: Луѓето се евакуираат од окупираниот Луганск во страв и конфузија
Петровска на средбата со Задорожњук истакнала дека како земја-членка на НАТО, Северна Македонија ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО и правото на секоја земја да се определи за својата иднина.
Во соопштението се вели дека амбасадорката Задорожњук изразила благодарност за „недвосмислениот став за поддршка“ на Северна Македонија на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, и за поддршката за политиката на отворени врати на НАТО.
Исто така Петровска го потврдила ставот на Северна Македонија дека најдобро решение е дипломатското решение на кризата во Украина, како и поддршката за напорите на НАТО за користење на сите дипломатски и политички алатки за намалување на тензиите и де-ескалација на ситуацијата.
Проруските сепаратисти во источна Украина наредија воена мобилизација на населението
Кремљ распореди над 150 илјади војници во близина на границата со Украина, обидувајќи се да го принуди Западот да се согласи на списокот безбедносни барања кои вклучуваат и забрана за членство на Украина во НАТО.
Западот ги отфрли главните руски барања да стави крај на ширењето на Алијансата, велејќи дека суверените држави имаат право да избираат свои сојузи.
Сепак, САД и Европа соопштија дека се подготвени да преговараат за другите барања на Русија, вклучително и за ограничувањата за распоредување проектили и воени вежби.