Селаковиќ: Напорите за прием на Косово во СЕ го дестабилизираат регионот
Српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ денеска изјави дека напорите за прием на Косово во Советот на Европа (СЕ) се закануваат да ги дестабилизираат политичките и безбедносните услови во регионот, јави дописникот на МИА од Белград.
„Залагањето за прием на самопрогласено Косово во Советот на Европа, но и погласните барања Приштина да влезе во НАТО, не само што не придонесуваат за стабилноста на Европа, туку напротив се закануваат да ја дестабилизираат политичката и безбедносната ситуација во нашиот регион“, се вели во соопштението на Селаковиќ по повод најавата на известувачот на Советот на Европа Виола фон Крамон, дека го поддржува предлогот „Косово да аплицира за членство во Советот на Европа“.
Претходно Фон Крамон на Твитер објави дека за приемот на Косово во СЕ се залага подолго време и дека се сложува со Европската иницијатива за стабилност (ESI), косовската влада сега да аплицира за членство во Советот на Европа.
„Граѓаните на Косово заслужуваат целосен пристап до најстарите механизми за човекови права во Европа,“ напиша вчера Фон Крамон.
Во соопштението од српското МНР, Селаковиќ оцени дека „европратеничката Виола фон Крамон решила да ги искористи настаните во Украина и стравот на европските земји од дестабилизација во поголем обем за да ги радикализира нејзините напори за лобирање со цел да обезбеди членство на самопрогласеното Косово во меѓународните организации“.
Вучиќ: Не знам колку е опасно Косово да стане членка на НАТО, но не е наивно
Во предлогот на Европската иницијатива за стабилност (ESI) насловен „Како Косово може да стане 47. членка на Советот на Европа“ се наведува дека Косово е европска демократија каде што се одржани редица слободни и фер избори, нема политички затвореници или обвинувања за нехуман третман и има одредби за малцинските права.
Во предлогот се додава дека 34 од 46 членки на СЕ, колку што има по суспензијата на Русија, ја признаваат независноста на Косово и дека пристапот на Косово сега ќе покаже дека Советот на Европа останува најрелевантната институција за европските демократии посветени на Европската конвенција за човекови права.