Улицата во Тирана каде што е руската амбасада го доби името „Слободна Украина“
По предлог на градоначалникот Ерион Велиај, на попладневната вонредна седница, Советот на општина Тирана, донесе одлука улица во албанската метропола да се именува „Слободна Украина“.
Станува збор за дел од улицата во блокот каде што се наоѓаат амбасадите на Украина, на Русија, на Србија и на Косово.
Борел - Европа може да очекува пет милиони бегалци од Украина
Велиај изјави дека солидарноста на Албанија со украинскиот народ е уште поголема поради искуството со војната во Косово.
„Тоа е уште една симболика дека не можеме да стоиме со скрстени раце. Не случајно на таа улица се наоѓаат и амбасадите на Русија, Србија и Косово. Важно е да се зборува со симболика. Но, треба да зборувате како што треба, треба да дејствувате правилно и да ги правите вистинските гестови за доброто на човекот. Тоа е симболичен знак на пријателство. На овој начин, прво јавно ја докажуваме нашата поддршка и второ, направивме хуман гест“, рече меѓу другото Велиај.
Албанија го осуди рускиот напад врз Украина и најави помош за земјата.