Превозниците ќе одлучуваат дали да ги зголемат цените за превоз на патници
Според Матеничарски, најавените мерки од Владата нема многу да им помогнат на превозниците, кои, како што вели, нема да можат да ги следат цените на горивото и нивната промена на дневно ниво и да вршат постојани промени на цените на услугите.
„Уште поголем проблем овие денови е и намалувањето на бројот на патниците“, изјави Матеничарски.
Превозот на патници, укажува тој, е една од најпогодените гранки во државата уште од почетокот на здравствената криза, со оглед на редуцирањето на бројот на патници.
„Имаше случаи во автобус да нема ниту еден патник, а трошокот за гориво, патарини и другите трошоци за возачите и амортизацијата на возилото мораше да се покријат. Во врска со сегашната ситуација со зголемувањето на цената на горивото, превозниците се во уште понезавидно ниво, бидејќи промената на цените на дневно ниво не може да се следи и со промена на цените на превозот“, рече Матеничарски, посочувајќи дека за евентуална промена на цените на билетите треба да бидат известени автобуските станици, како и патниците.
РКЕ апелира на разбирање, трговците против намалување на маржата на нафтените деривати
Според него, уште поголем проблем претставува превозот на учениците и припадниците на Армијата бидејќи, како што посочува, постапките за јавни набавки беа спроведени во времето кога цената на нафтата беше 49 денари по литар, а сега во моментот е двојно поголема со тенденција за зголемување.
„Договорите со општините и училиштата не може да се променат, така што превозниците се доведени во ситуација да неможат да го покријат ниту горивото по цените кои се во склучените договори. Донесените мерки од Владата нема многу да помогнат на превозниците, бидејќи како што наведов тие цени на горивото и промената на дневно ниво превозниците нема да бидат во можност да ги следат, а намалувањето на бројот на патниците овие денови е уште поголем проблем“, вели Матеничарски.
Toj додава дека по состанокот во понеделник ќе се донесат заклучоци и ќе се знае дали цените за превоз ќе бидат покачени.