Драги: ЕУ мора да ревидира своите економски правила
Европската унија мора да ги ревидира своите економски правила и да излезе со колективен одговор со цел да се справи со низа предизвици, вклучително и кризата во Украина, изјави италијанскиот премиер Марио Драги. Според него, Европа се соочува со огромни трошоци поврзани со одбраната, климатските промени и енергетската транзиција.
„Мораме да најдеме компромис за тоа каде да ги најдеме ресурсите, бидејќи нема простор во националниот буџет. Ни треба европски одговор“, рече Драги на крајот од дводневниот неформален самит на ЕУ во Франција.
Тој рече дека на самитот не се разговарало детално за тоа како да се најдат потребните стотици милијарди евра во наредните години, дали преку заедничко задолжување или некој друг начин, но ја поставил основата за поформални разговори на нивниот следен собир.
Според него, постои убедување дека Европската комисија мора привремено да ги преиспита правилата и фискалната политика на ЕУ „мора да остане експанзивна“.
Тој повика на поголема координација во одбранбените стратегии на земјите од ЕУ и рече дека зголемувањето на одбранбениот буџет на блокот на 2 отсто од бруто домашниот производ, како што ветија земјите од НАТО, ќе чини од 1,5 до 2 билиони евра во следните 5-6 години.
Во однос на руската инвазија врз Украина, Драги порача дека Русија не покажува интерес за соработка.
„Од она што можеме да го видиме (рускиот претседател Владимир) Путин не сака мир... се чини дека има други планови“, рече Драги.
Макрон: Подготвени сме за нови санкции против Русија
Русија на 24 февруари започна инвазија на Украина, што е најголем напад на европска земја од Втората светска војна. Обединетите нации денеска соопштија дека Украина ја напуштиле 2,5 милиони луѓе.