Османи: Во разговорите со Бугарија нашите позиции се апсолутно усогласени
Разговорите со Бугарија продолжуваат за сите отворени политички прашања, а веќе следната недела, на 23 и 24 март во Скопје ќе допатува министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, изјави денеска шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
Тој истакна дека ние сме апсолутно усогласени во ставовите и во позициите согласно резолуцијата на Собранието и дека нема никакви разлики. Осврнувајќи се на дипломатскиот форум во Анталија, посочи дека се сретнал со бугарскиот премиер Кирил Петков, каде поголемиот дел бил посветен на нашите политички разговори и отворените прашања.
„Разговаравме за сите точки, констатиравме дека навистина треба да се донесат одлучни одлуки во овој период заради тоа што очигледно прашањето на европското проширување станува сериозно безбедносно прашање за регионот и за ЕУ и секоја земја членка има одговорност кон безбедноста на регионот, но и кон безбедноста на целиот континент. Значи, веќе не е прашање само на кредибилитетот на ЕУ, туку е безбедноста на регионот и ова се сведува во оваа ситуација пред се на европска безбедност, процесот на проширување односно комплетирање на ЕУ“, рече Османи.
Грковска: Меѓувладината група со Бугарија работи добро, има сигнали за одблокирање на процесот
Подвлече дека уште постојат разлики, меѓутоа се бараат решенија кои ќе бидат прифатливи за двете страни. Демантираше дека имаме спротивставени ставови во однос на позициите во Скопје меѓу МНР и експертите и меѓу МНР и Владата.
„Сите сме во постојана координација, вчера имавме една долга средба за координирање, денеска попладне ќе имам повторно средба за координирање. Значи ние сме апсолутно унисони и во ставовите, во позициите без никакви разлики во овој процес, што навистина ми е задоволство, бидејќи во таква атмосфера се работи многу полесно“, дециден Османи.
Тој додеде дека иако сме во различни позиции со Бугарија, сепак смета дека фактот што има чести средби е предуслов за успех. Додава и дека гледа волја во двете страни да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни.