Оштетена е браната кај неготинско Липа, постои опасност од уривање
По пријава од Општина Неготино, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов денеска ја посетил браната „Липа“ и увидел дека состојбата е сериозна.
Со цел да се утврди состојбата на терен и соодветно превентивно да се реагира, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов изврши увид на оштетената брана Липа во Неготинско, којашто протекува од многу места и има опасност од рушење на дел од насипот, информираат од Центарот.
Браната која претставува насип од камења и земја, на повеќе места во долниот дел протекува и постои опасност од уривање.
„Постои опасност при евентуално посилен дожд дел од браната на попушти и да биде загрозено населението кое живее подолу од акумулацијата или да бидат загрозени луѓето и нивните стада кои тука се напасуваат. Загрозен може да биде и дел од патот во овој крај. Решение мора да најдеме зашто сега акумулацијата е во државна сопственост. Можеби ќе треба акумулацијата да се испразни. Сега состојбата може да ја оцениме како сериозна зашто вода истекува на повеќе места иако до половина има вода“, изјави Ангелов.
Браната била изградена пред педесетина години од страна на земјоделска задруга и практично претставува дива брана. Со странска помош пред 7 години браната била реконструирана.
По направениот увид и документирање на состојбата на терен, како што потенцираат од Центарот за управување со кризи, ќе следат и наредни чекори за превентивно дејствување, преку Секторот за операции и координација, во координација со субјектите од системот за управувње со кризи.