Државниот завод за статистика ќе ги објави првите резултати од пописот
Симовски - Никој нема да биде изоставен по обработка на податоците од пописот
Според податоците што досега ги објави Заводот, во септември биле попишани 1.832.696 жители на земјава, 568.175 семејства и 837.255 станови. Оние кои од која било причина останале нерегистрирани, ќе се најдат во некоја од базите на податоци при обработката на податоците и ќе бидат дел од Пописот, прв во Македонија по речиси 20 години. Според последниот попис од 2002 година, Македонија имаше над 2 милиони жители. Пописот првично требаше да се одржи во април минатата година, но поради противењето на опозицијата беше одложен за во септември. Системот за попишување и веб страната на Државниот завод за статистика беа мета на хакерски напади за време на одржувањето на пописот. Во 2011 година имаше обид за попис, но тој прекина поради несогласувања меѓу тогашните коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ околу методологијата, односно за прашањето дали да се попишуваат и иселениците.