Пратениците од партијата на соборениот пакистански премиер поднесоа оставки во Парламентот
Пратениците од партијата на соборениот пакистански премиер Имран Хан колективно поднесоа оставка во Парламентот во пресрет на гласањето за избор на нов премиер.
Партијата Техрик-е-Инсаф (ПТИ) денеска исто така ја повлече номинацијата на поранешниот министер за надворешни работи Саш Махмуд Куреши за премиер, но неговото име сепак ќе остане на гласачкото ливче поради тоа што партијата ја донесе одлуката во последен момент.
Пакистанскиот парламент ќе гласа за доверба на премиерот Хан
„Ние ги бојкотираме овие избори според одлуката на нашата партија и поднесуваме оставка“, рече Куреши пред парламентот по што повеќе од 100 пратеници од ПТИ го напуштија Националното собрание.
Пратениците денеска треба да гласаат за нов премиер, а единствен кандидат е 70-годишниот опозициски пратеник Шахбаз Шариф. Тој е претседател на Пакистанската муслиманска лига – Наваз (ПМЛ-Н) и помлад брат на поранешниот премиер во три мандати Наваз Шариф, кој беше осуден за корупција.
Хан, кој беше на власт нешто повеќе од три години, беше соборен вчера со гласање недоверба, откако обединетата опозиција поднесе предлог за негово отстранување од функцијата по неколкунеделната политичка криза. Опозицијата обезбеди 174 гласа во 342-члениот парламент и изгласа недоверба за Хан.
Тој претходно се обиде да го спречи гласањето со распуштање на парламентот и распишување предвремени избори, но Врховниот суд нареди да се одржи гласањето.
Парламентарни избори мора да се одржат до октомври 2023 година.
Хан рече дека нема да ја признае опозициската влада, тврдејќи дека неговото соборување е заговор предводен од САД поради одбивањето да застане покрај Вашингтон за прашањата против Русија и Кина.
Вашингтон ги отфрли овие обвинувања, а Хан не понуди докази за овие тврдења.
Опозицијата го обвини Хан за лошо менаџирање на економијата, бидејќи инфлацијата расте, а националната валута забележа остар пад.