Најмалку шест мртви во серија експлозии во училиште во Кабул
Најмалку шест лица загинаа, а 11 се ранети во три експлозии што денеска одекнаа во машко училиште во шиитска хазарска населба во Кабул, соопшти авганистанската полиција.
Меѓу жртвите има и деца, иако во моментов не е познато колку.
Безбедносен претставник за германската новинска агенција ДПА рекол дека експлозиите биле предизвикани од рачни бомби.
Засега никој не презеде одговорност за експлозиите.
Хазарската населба Дашт-е-Берчи претходно беше мета на напади на Исламската држава.
Исламската држава повикува на нови напади во Европа
Талибанскиот министер за внатрешни работи рече дека во тек е истрагата.
Експлозиите одекнале додека учениците доаѓале на училиште, изјави очевидец.
Во мај минатата година, во бомбашки напади во близина на училиште во тој дел од Кабул загинаа најмалку 85 цивили, најголем дел од нив ученички, а десетици луѓе беа повредени.