Неделков - СОНК ќе го анализира ставот на Владата, дотогаш штрајкот продолжува
Советот на СОНК утре ќе одржи седница на која ќе направи детална анализа на ставот на Владата и ќе се произнесе по него, изјави денеска претседателот на СОНК Јаким Неделков по одлуките кои денеска ги донесе Владата во однос на состојбите во основните и средните училишта предизвикани од штрајкот на вработените.
„Дотогаш, односно додека членовите на СОНК не се произнесат поинаку, штрајкот продолжува“, напиша Неделков на Фејсбук.
Тој додава дека СОНК очекува да ги добие денешните заклучоци на Владата во врска со генералниот штрајк на вработените во детските градинки, основните и средни училишта.
Инаку, Владата на денешната седница донесе одлука да биде направен ребаланс на Буџетот, со кој треба да бидат предвидени средства за покачување на платите на вработените во образованието и градинките од 10 проценти. Владата го повика СОНК да го прифати ова покачување и во интерес на децата да продолжи образовниот и згрижувачкиот процес.
Владата го повика СОНК да прифати покачување на платите од 10 отсто
Како што соопшти владината прес-служба, Владата ги задолжила Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Минситерството за финансии да ги предвидат средствата за покачување на платите во основното, средното образование и детската заштита во висина од 10 отсто. На седницата беа донесени и други одлуки во врска со штрајкот во образованието.
Претходно денеска, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги повика наставниците да ја разгледаат одлуката за прекин на наставата, да ја имаат предвид понудата за покачување на платите од 10 отсто и економската состојба во која се наоѓа државата и да ги повикаат учениците во училиштата.
Министерот денеска изјави дека е во комуникација со претседателот на СОНК Јаким Неделков.
Неделков потврди дека разговарал телефонски со министерот Шаќири, но рече дека немало конкретен договор што би довел до прекин на штрајкот во училиштата и градинките и нов процент на покачување на платите од веќе понудените 10 процент.
СОНК штрајкува веќе втора недела во школите и градинките барајќи зголемување на платата и усогласување со минималната, која од мартовската плата изнесува 18 илјади денари. Синдикатот ја одби понудата на Владата да зголемување на платите од 10 проценти.