Нови 127 случаи на ковид-19
Во последните 24 часа регистрирани се 127 нови случаи на ковид-19 од направени 1.908 тестови, соопшти Министерството за здравство.
Од вкупниот број на позитивни (127), регистрирани се 20 реинфекции. Најголем дел од новозаразените се регистрирани во Скопје.
Пријавени се двајца починати пациенти од Регистарот на умрени лица со ковид од Мој термин. Станува збор за починати лица од Скопје (82г) и Охрид (91г), едно лице е починато во домашни услови и едно во болнички услови, пријавени во период од 02.04 до 12.04.2022 година.
Регистрирани сe 123 оздравени пациенти
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 308.878, бројот на оздравени пациенти е 298.811, на починати е 9.265, а бројот на активни случаи изнесува 802.
Опфатот на вакцинација е 46 отсто
Министерот за здравство Беким Сали денеска изјави дека опфатот со вакцинација против ковид-19 е 46 отсто.
„Многу е битно да знаеме дека имаме сосема доволен број вакцини и ги имаме на располагање за секој граѓанин кој е заинтересиран за вакцинација“, изјави министерот по посетата на Општата болница Куманово.
Министерот, вели дека интересот за вакцинација е опаднат, меѓутоа паралелно со тоа е опаднат и бројот на новоинфицирани, што, како што вели, е позитивна вест.
Укинати ковид сертификати за влез во земјата
Владата на вчерашната седница донесе одлука да престане да важи обврската на домашните и странските државјани кои влегуваат во земјава на граничните премини задолжително да приложат сертификат за извршена вакцинација, сертификат за прележан КОВИД-19 во последните 180 дена, медицинска потврда за негативен ПЦР тест направен 72 часа пред влезот во Македонија или негативен брз антиген тест направен 48 часа пред влезот во земјата.
Владата исто така ја укина и мерката домашна изолација/карантин во времетраење од седум дена за лицата кои при влез на граничните премини нема да приложат еден од досега предвидените сертификати.