Маричиќ: Eвроинтеграциите премногу долго се жртва на билатерални политички прашања
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска изјави дека во преговорите со Бугарија првпат годинава се воспоставил систем на рационални разговори, кои се водат на повеќе теми.
„Процесот престана да биде заробен само од одредени прашања, пред се поврзани со историјата и тој нов пристап и нова енергија мислам дека даваат резултати, без разлика на сите пречки“, изјави тој на форумот по повод 100 дена од мандатот на Владата.
Во однос на подготвеноста за почеток на преговорите, според него, земјата има добра стартна позиција, но многу е важно да и се даде прилика да почне.
„Нашите европски интеграции премногу долго се жртва на билатерални политички прашања и затоа е време што поскоро да ги затвориме тие прашања на правилен и достоинствен начин, за да можеме да се посветиме на вистинските реформи и европеизација на нашето општество“, изјави Маричиќ.
Тој додаде дека со Бугарија се подобрени односите и интензивирана е комуникацијата, при што петте работни групи имаат направено многу, а таа енергија треба да се искористи за време на француското претседателство за да се направи сериозен напредок и решение.
Премиерот Димитар Ковачевски, на форумот посочи дека дијалогот со Бугарија мора да се базира на европски вредности, почит и достоинствен разговор.
„Дискусијата често знае да биде преземана од националисти, владите на двете земји, кои се европски ориентирани, имаат обврска да наметнат наратив кој ќе биде позитивен и насочен кон иднината, што ќе овозможи отпочнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ“, посочи Ковачевски.
Могерини: Неодложно започнување на преговорите со С. Македонија и Албанија е во интерес на ЕУ
Патот на Македонија кон ЕУ последно е блокиран пред околу две години, со бугарското вето. Бугарија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а меѓу барањата е и ставање на Бугарите во македонскиот Устав.