Преговорите меѓу СОНК и МОН продолжуваат в петок
Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков попладнево соопшти дека завршила денешната рунда преговори со Министерството за образование и наука под покровителство на медијатор. Тој најави дека преговорите ќе продолжат в петок кога очекуваат и конкретни одговори на нивните предлози.
„Сите прашања кои се отворени, врз основа на нашите барања беа дискутирани, анализирани, аргументирани од двете страни“, објави Неделков на Фејсбук.
Рокот за медијација е десет дена за усогласување на ставовите и ако во текот на тој рок не се постигне договор, како што претходно денеска изјави Неделков, преговорите ќе мора да се продолжат за уште десет дена.
Неделков: Ако не се најде договор за 10 дена, преговорите ќе продолжат уште десет
Во меѓувреме и УНИЦЕФ ја поздрави заедничката одлука на Синдикатот за образование, наука и култура и Министерството за образование и наука за продолжување на наставата додека трае процесот на преговори.
Штрајкот започна на 11 април. Барањата на СОНК се зголемување на платите за 18,5 отсто односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Владата им понуди 12 отсто повисоки плати.