Пратениците ќе дебатираат за нови уставни судии
Од Уставниот суд бараа во неколку наврати пратениците да го почитуваат Уставот и да изберат и именуваат нови уставни судии.
„Ако до декември не се изберат уставни судии тоа ќе значи клуч на врата за Уставниот суд, нешто што досега не се случило во историјата на демократска Република Северна Македонија“, се вели во одговорот од Уставниот суд за Радио Слободна Европа.
Зошто власта, а ни опозицијата не предлагаат нови уставни судии
Уставниот суд во моментов од предвидени девет има само пет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии: Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
Поради недостиг на двотретинско мнозинство во Уставниот суд над 30 предмети чекаат наредна седница кога Уставниот суд ќе биде во полн состав.
„На седницата која беше одржана на 13 април имавме три иницијативи и едно барање за заштита на слободи и права и за прв пат се случи ниту еден предмет да не помине, затоа што немаше пет гласа „за”, колку што е предвидениот минимум. Меѓу предметите кои се од витално значење за државата, а се со готови реферати и подготвени за седница се Указите за Преспанскиот договор, Законот за употреба на јазиците, Законот за социјална заштита итн.“ се вели во одговорот за РСЕ од Уставниот суд.