Русија: ќе преземеме „воено-технички чекори“ поради одлуката на Финска да влезе во НАТО
Финска презема чекор кон НАТО и покрај заканите од Москва
Министерството ја обвини Финска дека ги прекршила претходните договори со Русија, со која дели копнена граница долга 1.340 километри, со намера да се приклучи на НАТО. „Историјата ќе утврди зошто Финска мораше да ја претвори својата територија во бедем во воената конфронтација со Русија, со губењето на независноста во одлучувањето“, се вели во соопштението.
Сè што треба да знаете: Финска и Шведска сѐ поблиску до НАТО
Претходно портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека ставот на Финска дека бара членство во НАТО без одлагање нема да придонесе за стабилноста и безбедноста во Европа. Песков рече дека одговорот на Русија ќе зависи од конкретните чекори што НАТО ќе ги преземе за да ја доближи својата инфраструктура до руските граници. Претседателот и премиерката на Финска, Саули Нинисто и Сана Марин вчера во заедничка декларација изјавија дека нордиската земја треба „без одлагање“ да поднесе барање за членство во НАТО. Тоа значи дека Финска речиси сигурно ќе стане членка на Алијансата, иако процесот на пристапување може да потрае неколку месеци. Се очекува соседот на Финска, Шведска да донесе одлука за влез во НАТО за неколку дена.