Тренчевска очекува договор со СОНК до петок
Министерството за труд и социјална политика и Синдикатот за образование наука и култура ги приближуваат ставовите и очекуваат дијалогот да продолжи и неделава. Министерката Јованка Тренчевска вели дека очекува оти до четврток или петок веќе може да има договор.
„Имавме конструктивна дискусија со претставниците на СОНК. Социјалниот дијалог продолжува. Блиску сме до конечно решение“ изјави Тренчевска по денешната средба со претседателот на СОНК Јаким Неделков.
Таа посочи дека на денешната средба разговарале за повеќе понудени предлог решенија и дека очекува до крајот на неделата да потпишат спогодба и конечно решение за кое ќе се однесува на предучилишните установи.
Претседателот на СОНК Неделков е отимист дека е можно да се дојде до решение, но, потенцира, доколку тоа не се случи може да има последици на одлуката за прекин или продолжување на штрајкот.
Нова средба на СОНК со министерствата, се очекува да биде постигнат договор
Тој е убеден дека разговорите со МОН кои се водат под покровителство на помирувач ќе завршат утре, кога истекува и рокот за завршување на преговорите.
Претходната средба на синдикалците со МОН беше во петокот, кога се преговараше за колективните договори во основно и средно образование, а со МТСП средба имаа во четвртокот кога двете страни разговараа за формирање работна група за нов колективен договор за предучилишните установи, зашто важноста на актуелниот истекува со јуни.