Ковачевски од Ватикан: Ги делиме истите вредности
На аудиенцијата кај папата Франциск по повод чествувањето на големото дело Светите браќа Кирил и Методиј, кои со својата мисија го ширеа христијанството на јазик разбирлив за словенските народи и извршија и мисија на поврзување на народите на Европа, ги потврдивме пријателските односи со Светата Столица, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејсбук профил.
„Со папата Франциск се согласивме дека грижата за најранливите наши сограѓани во време на криза и почитувањето на разликите се столбовите на градењето на општество во кое има место за сите и дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, толеранција и човечко достоинство“, објави Ковачевски.
Премиерот и делегацијата на Владата кои се во дводневна посета на Рим и Ватикан во рамки на традиционалните свечености во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, денеска беа примени од неговата светост папата Франциск.
Ковачевски имаше тет-а-тет средба со папата Франциск, а потоа и аудиенција на која беше придружуван од ќерката, како и останатите членови на делегацијата на Северна Македонија.
Засега нема прифатлив документ за Скопје и Софија, со Белград односите на високо ниво
На аудиенцијата кај папата Франциск, како една од централните активности од програмата за чествување на животот и големото дело на Светите Кирил и Методиј, премиерот Ковачевски изразил благодарност за посетата на папата на нашата земја во 2019 година, што беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска.
Од владината прес служна соопштија и дека на средбата била поздравена и отпочнатата иницијатива за потпишување темелен договор (конкордат) помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, за да се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и за унапредување на соработката во областите од взаемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образованите институции и архивите на двете земји.
Премиерот Ковачевски на папата Франциск му подарил рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски.