Најмалку 49 загинати во пожар во депо за контејнери во Бангладеш
Најмалку 49 луѓе загинаа, а над 300 се повредени во голем пожар во депо за контејнери во пристанишниот град Читагонг во југоисточен Бангладеш, соопштија локални претставници.
Има стравувања дека бројот на жртви би можел да биде поголем, со оглед на тоа што дел од повредените се во критична состојба. Има голем број исчезнати, меѓу кои и новинари кои известувале за несреќата.
Спасувачите кои ги извлекуваат телата, велат дека во депото има уште настрадани.
Претходно беше соопштено дека настрадале 25 луѓе, а 180 се повредени.
Пожарот во депото на заедничката фирма на Холандија и Бангладеш „БМ“, изби околу полноќ во саботата по експлозија во контејнер полн со хемикалии. Депото се наоѓа во Читагонг, 216 километри југоисточно од главниот град Дака.
Пожарникарите навеле дека додека стотици луѓе се обидувале да го изгаснат пожарот, еден час од избивањето, повеќе контејнери со хемиски производи експлодирале, поради што имало голем број мртви и повредени меѓу спасувачите. Има 7 загинати пожарникари, а четворица се водат како исчезнати.
Огромната експлозија ги затресла зградите оддалечени неколку километри.
Во депото на околу 20 километри од главното пристаниште Читагонг има околу 5000 контејнери, наведоа локалните медиуми. Тука се чува стоката за увоз и извоз, пренесе АП.
Пожар во бегалски камп во Бангладеш
Во депото имало водород пероксид, хемиски производ кој се користи во индустријата, изјави шефот на пожарникарите, генерал Маин Удин.
Пожарот сè уште не е ставен под контрола, а војската е испратена да помогне во справувањето со несреќата.