Јужна Кореја и САД истрелаа балистички ракети како одговор на лансирањето од Северна Кореја
Јужна Кореја и Соединетите Држави денеска истрелаа осум проектили како одговор на балистичките ракети лансирани од Северна Кореја ден претходно. Овој потег доаѓа откако Пјонгјанг продолжи да ги интензивира ракетните тестирања.
Седум проектили биле истрелани од Јужна Кореја, а една од Соединетите Држави, според Здружениот штаб на Јужна Кореја, кој соопшти дека тоа покажува дека „дури и ако Северна Кореја провоцира ракети од повеќе локации, (Јужна Кореја и САД имаат) способност и подготвеност за итен прецизен удар“.
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол изјави дека неговата влада остро ќе одговори на секоја провокација од северниот сосед.
Кина и Русија ставија вето на новите санкции на ОН за Северна Кореја поради лансирање проектили
Говорејќи пред воениот споменик во Сеул, тој рече дека севернокорејската нуклеарна и ракетна програма „достигнуваат ниво што го загрозува не само мирот на Корејскиот полуостров, туку и во североисточна Азија и во целиот свет“.
Лансирањето на Северна Кореја во недела е трет ракетен тест од почетокот на мандатот на Јун и 17-ти оваа година. Претходното лансирање на Пјонгјанг беше на 25 мај кога американскиот претседател Џо Бајден се врати во САД по патувањето во Азија. Патувањето на Бајден вклучуваше посета на Сеул за време на која американскиот претседател и неговиот јужнокорејски колега се согласија да започнат разговори за повторно започнување и потенцијално проширување на заедничките воени вежби кои беа прекинати за време на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп.
САД го осудија лансирањето ракети од страна на Северна Кореја и повикаа на „дијалог“
Соединетите Држави и Јужна Кореја исто така истрелаа проектили како одговор на севернокорејското лансирање на ракетата на 25 мај. Вклучувајќи го лансирањето на 6 јуни, Јужна Кореја возврати три пати оваа година, по пауза од 2017 година. Од двете страни лансирањето на ракетата се смета за демонстрација на сила и не е насочено кон конкретни цели. Обично проектилите паѓаат во морето.