Возачите на ЈСП најавија протести, раководството тврди дека се политички мотивирани
Возачите од ЈСП „Скопје“ од среда најавуваат секојдневен претпладневен протест од по еден час кој ќе се одржи пред управата на градското претпријатие. Независниот синдикат на возачи соопшти дека протестот е поради малите плати и тешките услови за работа а од 11.00 до 12.00 часот ќе нема кој да ги вози автобусите.
Со реакција се јавија од ЈСП. Според раководството на претпријатието најавениот протест од страна на Независниот синдикат во ЈСП Скопје е политички мотивиран, неприфатлив и штетен за целокупното работење на претпријатието и е на штета на граѓаните.
ССМ со амандман побара зголемување на платите во јавниот сектор
ССМ- Генерален штрајк ако владата не ги исполни барањата до 21 јуни
Од Јавното градско сообраќајно претпријатие информираат дека Управниот одбор на ЈСП Скопје на 19 април годинава веќе ги прифатило барањата на Независниот синдикат со одлука за линеарно зголемување на платите во износ од 2.800 денари.
„Поради ова ги осудуваме ваквите дејствија и апелираме дека со политички мотивирани манипулации поттикнати од центри на политичка моќ нема да се придонесе кон развој и унапредување на статусот на вработените во ЈСП Скопје, туку, напротив ќе доведат до непоправлива штета која негативно ќе влијае врз работните процеси и статусот на вработените во претпријатието, како и за граѓаните воопшто,“ се вели во соопштението од ЈСП Скопје.
Пред еден месец Александар Стојковски беше назначен за нов директор на ЈСП на местото на Иван Илиевски, кој си даде оставка по само пет месеци на функцијата.