МЗ - Граѓаните да се заштитат од сонцето
![МЗ - Граѓаните да се заштитат од сонцето](https://gdb.rferl.org/08090000-0a00-0242-8209-08da5838499e_w800_h450.jpg)
Граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита на здравјето, а особено да внимаваат и да преземаат соодветни мерки за заштита од УВ зрачењето, апелира Министерството за здравство поради високите температури кои деновиве ја зафатија територијата на државата.
„Доколку УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крема со заштитен фактор и капа, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка. УВ зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Воедно, посетителите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето“, наведува Министерството во соопштение.
Сончево и топло
Министерството за здравство потсетува на општите препораки за заштита на здравјето:
Во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории, под клима, а доколку е неопходен престој на отворено, да се најде можност за одмор под сенка.
Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа. За сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. Воедно, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката, а ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер. Се препорачува да се избегнуваат производи кои не се термички обработени.
На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.