ВМРО-ДПМНЕ бара Џафери да ја контролира владата, тој пак бара опозицијата да погледне во огледало
Претседателот на Собранието Талат Џафери не треба да бара начини за заобиколување на документите или законите за контрола на Владата побара денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски образложувајќи ја интерпелацијата за Џафери. Тој вели дека во одговорот на Џафери на интерпелацијата доставен до пратениците и јавноста не дал директни одговори на директни забелешки за неговата работа.
„Најголемата обврска на овие 120 пратеници е контрола на Владата и кога ќе дојде документ за контрола на Владата немојте да барате начин како да го изиграте преку процедурите неговото разгледување“, рече Мицевски.
Тој рече дека во овие пет години Собранието е направено во машина за гласање на криминалните зделки на Владата, а Џафери сето тоа го одобрува. Мицевски обвини дека Џафери не ги почитува уставот и законите и Деловникот за работа на Собранието. Ги повика пратениците од власта да гласаат за интерпелацијата и да ги поддржат.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека опозицијата пред да направи нешто треба прво да си погледне во огледало и да се преиспита. Спикерот обвини дека во изминатиот месец опозицијата изнела многу лични навреди кон него, но рече дека тој нема да зборува на тој начин.
„Колку и да зборувате и да делите епитети колку сакате јас нема да се спуштам на ниво на Христијан Мицкоски и да користам епитети“, рече Џафери.
Одговарајќи на наводите на Мицевски за непочитување на законите, Уставот и Деловникот, Џафери потсети дека кога сите барале Собранието да продолжи да работи по распуштање тој велел дека не можело што било подоцна потврдено и од Уставниот суд.
Во однос на листата на говорници, рече дека го чуди зошто Антонио Милошоски како прв потписник не ја образложува интерпелацијата.
Интерпелација - опозициска манипулација или неодговорност на Џафери
За збор се пријавени 41 пратеник, а со седницата претседава потпретседателот Горан Мисовски.
Гласањето по интерпелацијата треба да се одржи најдоцна пред полноќ. Очекувањата се дека опозицијата нема да има доволен број пратеници за смена на Џафери.