Дел од брегот на Црвеното море во Египет затворен поради напад на ајкула
Египетските власти затворија дел од брегот на Црвеното Море, по напад на ајкула во кој загина Австријка која пливала во близина на Хургада, познато летувалиште, пренесува АП.
„Шеесет и осумгодишна жена која ги загуби ногата и раката во напад на ајкула почина набргу откако беше пренесена во приватна болница во Хургада“, изјави неименуван здравствен претставник.
Според внатрешните документи од канцеларијата на гувернерот на провинцијата во Црвеното Море, властите ќе го затворат брегот на три дена и ќе ги забранат сите поморски активности, вклучително и нуркање, сурфање на ветер, како и пловење на рибарски чамци.
На видеото кое е објавено на интернет се гледа напад на ајкула релативно блиску до брегот. Водата околу нападнатата жена поцрвенува од крв додека луѓето на блиското пристаниште фрлаат спасувачка опрема кон неа.