И вечерва пред Влада протест против францускиот предлог
Пред Владата вечерва продолжи протестот под мотото „УЛТИМАТУМ – Не благодарам“. Учесниците се против прифаќањето на францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Според нив, негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите за членство во ЕУ, ниту правило меѓу државите членки.
Мицкоски нема да бара предвремени избори, ако Ковачевски го одбие францускиот предлог
Протестот што почна вчеравечер официјално нема организатор, но е поддржан од политички партии и граѓански организации кои сметаат дека предлогот е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.
Протестот доби поддршка и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христија Мицкоски ги повика граѓаните да се приклучат, за, како што кажа, да се одбрани тоа што се нарекува европска вредност и да се спаси процесот на преговори со Европската Унија.
И вечерва учесниците упатија пораки против францускиот предлог и апели да не се потпишува.