Бибер: Францускиот предлог ќе го закопа процесот на проширување
Францускиот предлог кој треба да доведе до почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија претставува „катастрофа за проширувањето“ на ЕУ смета Флоријан Бибер, професор за политика и историја на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац.
Според Бибер, иако предлогот изгледа добар за да се стави крај на бугарското вето, тој носи големи опасности кој ги наброја на Твитер.
Проф. Бибер: Да се најде начин Бугарија да си го спаси угледот
„Го вклучува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ, давајќи им легитимитет и охрабрување на идните членки на ЕУ кои ги блокираат земјите членки. Значително се приближува до бугарските барања отколку позицијата на Македонците, па затоа е неурамнотежена. Во суштина ја прифаќа националистичката логика на бугарската Влада и сугерира дека постои прашање за дискриминација на Бугарите во Северна Македонија. Игнорира дека проблемот е (делумно) создаден од ЕУ – 10.000 македонски граѓани добија бугарски пасоши бидејќи се ЕУ-пасоши, не затоа што се бугарски. Граѓаните и нивните барања да бидат граѓани на ЕУ (да работат) се злоупотребени од Бугарија за да тврди дека се „етнички“ Бугари“, пишува Бибер.
Притоа додава дека нема да има доволно поддршка во Северна Македонија и нератификувањето на договорот ќе се толкува како неуспех во Северна Македонија, а не како неуспех на бугарските националистички барања.
„Наместо лесен излез, францускиот предлог дополнително ќе го наруши угледот на ЕУ и ќе го закопа процесот на проширување“, напиша Бибер.
Бугарија веќе 2 години го блокира почетокот на преговори на Македонија за влез во ЕУ, меѓудругото негирајќи го македонскиот јазик и дел од историјата.