Полицијата приведе двајца криумчари, пронајдени 14 мигранти
![Полицијата приведе двајца криумчари, пронајдени 14 мигранти](https://gdb.rferl.org/f73f615e-56a6-4fd8-aa3a-fc230f562b52_w800_h450.jpg)
Двајца мажи од Скопје на возраст од 30 и 31 години се приведени денеска од страна на полицајци од Полициската станица за Граничниот премин Богородица. Двајцата мажи се уапсени за криумчарење мигранти. Тие се уапсени на магистралниот пат кај село Смоквица и кај клучка Демир Капија.
Полицијата при преглед на патничко возило на еден од сега уапсените мажи пронашла 14 мигранти (13 од Сирија и еден од Пакистан). Тој се обидел да избега, но бил фатен и лишен од слобода. Другиот маж бил во друго возило, но и тој бил запрен под сомнение дека помагал во извршување на делото, се наведува во соопштението од МВР.
Го уапсиле со дрога, па во викендичката му нашле и 10 мигранти
Претходно, кај село Удово двете возила не застанале на знак за запирање даден од полициските службеници, но набргу на крстосницата за село Смоквица бил запрен А.М. со неговото возило, а малку подоцна кај клучка Демир Капија бил фатен и И.С..
Двете лица, како што информираат од МВР, биле приведени во полициска станица, а мигрантите биле сместени во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија. За настанот бил известен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.