Османи и Генчовска ќе го потпишат протоколот
Во Софија денеска ќе биде потпишан билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија од страна на министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата колешка Теодора Генчовска. Претходно, ќе се одржи состанок на меѓувладината комисија на кој ќе очекува да се усвојат точките од протоколот. По потпишувањето, според најавите, протоколот ќе биде јавно објавен.
Францускиот предлог помина во Собранието и во Владата
Ова следи откако Собранието со 68 гласа „За“ ги усвои заклучоците за таканаречниот француски предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции. Потоа на владина седница беше донесена одлука за прифаќање на францускиот предлог.
Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција по седницата рече дека државата има преговарачка рамка во која се заштитени македонскиот јазик и идентитет, а историските прашања се надвор од истата. Ковачевски додаде дека првата меѓувладина конференција на С.Македонија и ЕУ ќе се одржи на 19 јули во Брисел.
По гласањето лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција информираше дека 44 пратеници од опозициската партија се потпишале на нотар дека нема да гласаат за измените на Уставот, односно за внесување на Бугарите во него.
Првата меѓувладина политичка конференција е првата фаза од почетокот на пристапните преговори со ЕУ кои по кластери ќе почнат откако ќе се промени Уставот со внесување на бугарското малцинство во Преамбулата.
Информација за содржината на Нацрт-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија беше предложена од француското претседателство на Советот на Европската Унија на 30 јуни.