Грвала: Косово ги исполнува условите за кандидатски статус за членство во ЕУ
Министерската за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Грвала изјави денеска дека се во тек подготовките на надлежните косовски органи за поднесување апликација за добивање на статусот земја кандидат за зачленување во Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Грвала вели дека Косово ги исполнува сите предуслови за таква кандидатура, но дека се чека вистинскиот момент за предавање на апликацијата.
„Што се однесува до апликацијата, сите земји од регионот, вклучително и Босна и Херцеговина, имаат аплицирано или веќе го добиле статусот на кандидат. Ние сметаме дека Косово ги исполнува условите. Прашањето е кога е моментот за такво нешто. Ние сметаме дека процесот не може да напредува без да се направи првиот чекор“, изјави Грвала на прес-конференција во Приштина.
Брнабиќ: Нејасна е резолуцијата на ЕП за меѓусебно признавање на Србија и Косово
Сепак, шефицата на косовската дипломатија вели дека самиот формален чин на аплицирање не е доволен.
„За секоја апликација треба да се вложи многу труд, многу напори. Само предавањето на апликацијата нема да биде доволно“, рече Грвала.
Во однос на барањето на Косово за членство во Советот на Европа, Грвала рече дека очекува процедурата да се проследи на Собранието на СЕ по завршувањето на летните одмори.