Семејствата на загинатите олимпијци во 1972 година ќе добијат отштета од Германија
Семејствата на 11 израелски спортисти кои беа убиени од палестинските напаѓачи на Олимписките игри во Минхен во 1972 година, постигнаа договор со Германија околу долгото спорно барање за обештетување, изјави денеска портпаролот на германскиот канцелар Олаф Шолц.
Претходно овој месец, семејствата се заканија дека ќе ја бојкотираат церемонијата во понеделник за одбележувањето на 50-годишнината од Олимпијадата во Минхен, бидејќи сметаат дека понудената компензација е премногу мала.
„Ова вклучува повторна евалуација на настанот од страна на комисија составена од германски и израелски историчари, објавување на досиеја во согласност со законот, класификација и прифаќање на политичката одговорност во рамките на комеморативната церемонија, како и давање дополнителни услуги во врска со признавањето на федералната влада, покраината Баварија и градот Минхен“, изјави портпаролот Штефен Хебстрајт.
Германската новинска агенција ДПА и другите медиуми објавија дека Германија ја зголемила својата понуда за семејствата на околу 28 милиони евра, што е повеќе од првичната понуда од 10 милиони евра за семејствата, која би ги вклучила веќе извршените плаќања. Од нив федералната влада ќе сноси 22,5 милиони евра, покраината Баварија 5 милиони, а градот Минхен 500.000 евра.
Германската влада не откри јавно колку пари понудила.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и неговиот израелски колега Исак Херцог во заедничка изјава објавија дека и двајцата ќе присуствуваат на церемонијата. Тие изјавија дека со договорот германската држава ја признава својата „одговорност и ги признава страшните страдања на убиените и нивните роднини“.
Семејствата на 11 израелски спортисти убиени од палестинските напаѓачи на Олимпијадата во Минхен во 1972 година се во децениски спор околу барањата за обештетување.
Нападот врз спортистите се случи на 5 септември 1972 година, кога осумчлената палестинска група „Црн септември“ влезе во зградата во Олимпиското село каде што беа сместени израелските спортисти и убија двајца, а деветмина ги држеа какпо заложници. Во спасувачката акција загинаа пет спортисти и шест тренери, како и еден германски полицаец.