Убиецот на Џон Ленон останува во затвор
Судот го одби барањето за условно ослободување на човекот кој пукаше и го уби Џон Ленон пред неговата станбена зграда на Менхетен во 1980 година. Марк Дејвид Чепмен по 12-ти пат побара од судот во Њујорк условно ослободување, но беше одбиен, соопштија надлежните.
67-годишниот маж своето барање го образложи пред одборот за условно ослободување во август година. Одлуката му беше соопштена вчера.
Чепмен го застрела и го уби Ленон ноќта на 8 декември 1980 година, додека Ленон и Јоко Оно се враќаа во нивниот стан во Апер Вест Сајд.
Ленон потпишал автограм за Чепмен на копија од неговиот неодамна објавен албум „Double Fantasy“, претходно истиот ден.
Државните функционери најавија дека ќе ги презентираат во јавноста транскриптите од последното интервју на Чепмен, но на претходните сослушувања за условно ослободување, тој постојано изразуваше жалење и каење.
Чепмен ги опишуваше неговите постапки како „одвратни“ за време на неговото сослушување во 2020 година и рече дека „нема да има никаква жалба“ доколку одлучат да го остават во затвор до крајот на неговиот живот.
„Го убив... затоа што беше многу, многу, многу познат и тоа е единствената причина и јас многу, многу, многу, многу барав само слава. Многу себично“, рече тогаш Чепмен.
Тој отслужува казна од 20 години до доживотен затвор во поправната установа Грин Хевен, северно од Њујорк. Следен пат ќе има право да се појави пред одборот за условно ослободување во февруари 2024 година.