САД одмрзнуваат од авганистанските пари, но преку швајцарски фонд
Американското Министерство за финансии соопшти дека ќе префрли средства во вредност од 3,5 милијарди долари, кои ѝ припаѓаат на Авганистанската централна банка, на нов фонд во Швајцарија, кој има за цел да вложи пари во земјата разурната од војна без да помине преку талибанците кои се на власт.
Министерството денеска соопшти дека новиот Авганистански фонд ќе биде управуван од одбор на доверители кој ќе се обиде да помогне во стабилизација на економската ситуација во земјата, која е на работ на хуманитарна катастрофа. ОН велат дека скоро половина е 40-те милиони жители на Авганистан се соочуваат со „акутна глад“.
Фондот може да се користи за плаќање на критичниот увоз како што е струјата, покривање на исплатите за долгот кон меѓународните финансиски институции, заштита на подобноста на Авганистан за развојна помош и финансирање на печатењето нови валути.
„Репресијата на талибанците и лошото економско управување ги влошија долготрајните економски предизвици на Авганистан, вклучително и преку активности кои го намалија капацитетот на клучните авганистански економски институции и го направија враќањето на овие средства во Авганистан неодржливо“, соопшти заменик секретарот за финансии Вали Адајемо.
Двајца високи американски претставници за Си Ен Ен рекле дека средствата нема да бидат ослободени веднаш зашто нема доверлива институција во Авганистан која ќе гарантира дека тие пари ќе бидат од корист на авганистанскиот народ.
Талибанците убиле 40 авганистански бунтовници
Новиот фонд ќе биде лоциран во Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во Базел, која овозможува услуги за централните банки.
Талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан во август 2021 година кога меѓународните сили ја напуштија земјата.
Оттогаш, меѓународната помош е запрена, а талибанците не ги исполнија своите ветувања дека ќе им дадат поголеми слободи на граѓани отколку за време на нивното прво владеење.