Алијанса за Албанците бара оставка од Груби и Рустеми за тендерот за коридорите 8 и 10
Од Алијанса за Албанците денеска соопштија дека вицепремиерот Артан Груби ги потврдил пишувањата во медиумите дека Јавното претпријатие за државни патишта го доделило тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10 на компанија со руски капитал.
Конзорциумот избран за овој тендер, како што наведуваат од опозициската партија, бил предводен од Институтот ИГХ со седиште во Загреб, а е во сопственост на руски олигарси блиски до владата на Владимир Путин и руската ФСБ.
Според партијата, Груби како политички одговорен и директорот за државни патишта, Ејуп Рустеми како административен одговорен, ја загрозиле, без преседан, националната безбедност со тоа што склучија договор со Институтот ИГХ.
Со кредит од ЕБОР ќе се гради автопат дел од Коридорот 8
Да не биле финансиските санкции на сојузниците кон Русија, од Алијанса за Албанците додаваат, дека денес Путин и ФСБ ќе седеле со скрстени нозе на најстратешкиот проект за Албанците и нивните сојузници во Северна Македонија и Западен Балкан.
Оттаму посочуваат дека за среќа, договорот пропаднал бидејќи Институтот ИГХ не ја депонирал навреме банкарската гаранција предвидена во договорот.
„Но, ова не го поништува овој скандал од невидени размери во околностите во кои се наоѓаат Европа и светот. Цел систем не успеа да го открие овој злонамерен обид за инфилтрација на Кремљ и ФСБ.Алијанса за Албанците бара итна оставка од гореспоменатите функционери и го повикува Јавното обвинителство да го истражи неуспехот на институциите за национална безбедност да ја откријат заканата од Институтот ИГХ и да ги идентификува одговорните за ова безбедносно фијаско со коруптивни карактеристики“, посочуваат од партијата.