Партиски препукувања за бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“
Владејачката партија СДСМ бара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да објасни како е поврзан со претседателот на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“.
Од опозициската партија велат дека, ако владејачката партија е „против фашистичкиот клуб Цар Борис, зошто им смета законското регулирање, нека го поддржат предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ“.
Од СДСМ прашуваа дали Мицкоски и претседателот на клубот ги поврзува само членството во ВМРО-ДПМНЕ или има и нешто друго?
„ВМРО-ДПМНЕ е партија којашто е иделошки поклоник на луѓето што биле извршители на Третиот Рајх и во својот статут има континуитет со Ванчо Михајлов и Тодор Александров. СДСМ за разлика од ВМРО-ДПМНЕ секогаш била на вистинската страна на историјата“, наведуваат од СДСМ во партиско соопштение.
Од опозициската партија велат дека СДСМ дозволи да се отворат клубовите и не направи ништо тоа да се спречи.
„Власта е виновна и за политиката на асимилација и негација на Македонија која е резултат на политиките на самата СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во петокот на 7 октомври во Охрид, беше отворен бугарски културен клуб што го носи името на Цар Борис, кој во Втората светска војна бил на страната на нацистичка Германија и фашистичка Италија.
Од СВР Охрид соопштија дека полицајците евидентирале едно лице кое на јавно место фрлило предмет кон група граѓани, против кое ќе биде поднесена прекршочна пријава по член 5 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
За време на отворањето имаше и протести, организирани од партијата Левица, за кои поддршка даде и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Отворањето на клубот со такво името го осудија од еврејската заедница, но имаше осуди и од партии и од функционери на власта.
Вчера, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи го осудија отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид кое го сметаат за провокација која оди на штета на бугарската заедница во земјава.
Според Ковачевски, реакцијата за ова терба да биде упатена на адреса на основачите на клубот кои се македонски граѓани.
Министерот за надворешни работи Османи, истакна дека правото на здружување е неприкосновено, но името не е во согласност со втората точка од Конвенцијата за заштита на малцинства, тоа да се прави во духот на дијалог и пријателство, бидејќи ова име ниту помага во пријателството, туку напротив е основа за раздор и нетрпеливост.