Германија бара построги санкции за Иран поради репресијата на протестите
Германската министерка за надворешни работи ја повика Европската унија да воведе нови санкции врз Иран поради, како што вели, бруталната репресија на Техеран против антивладините демонстранти во неколку ирански градови.
Германската министерка Аналена Баербок на 9 октомври, беше цитирана од најпродаваниот германски национален неделен весник „Билд ам Зонтаг“, како вели дека „оние кои тепаат жени и девојки на улица, приведуваат луѓе кои не сакаат ништо друго освен да живеат слободно, ги апсат самоволно и ги осудуваат на смрт, стојат на погрешна страна на историјата“.
Баербок во изјава за весникот, вели дека ќе се погрижат ЕУ да воведе забрани за влез на одговорните за оваа брутална репресија и да ги замрзне нивните средства во ЕУ, без да наведе конкретни поединци.
„Им велиме на луѓето во Иран: стоиме и остануваме покрај вас“, вели германската министерка.
Во изминатите четири недели во Иран има протести и насилно растурање на собирите кои започнаа поради смртта на една млада жена, приведена поради кодексот на облекување.
Иранските власти наводно пукале кон демонстрантите
Протестите продолжија и покрај предупредувањата на официјалните лица и заканите за строги казни.
Иранката Махса Амини почина на 16 септември, три дена откако беше приведен од полицијата за морал поради „неправилно“ носење хиџаб, шамија што е задолжителна за жените во Иран, додека се во јавност.
Останува нејасно што ја предизвикало смртта на Амини. Критичарите обвинуваат полициската бруталност, додека властите велат дека таа починала од срцева слабост.
Организацијата Хјуман рајтс воч (ХРВ) ги обвини властите во Техеран за примена на прекумерни репресивни мерки, вклучително и смртоносна сила, против учесниците во протестите ширум земјата. Групите за права велат дека до 185 луѓе се убиени во акцијата на властите против демонстрантите.
Пратениците на ЕУ одобрија резолуција со која повикуваат на санкции против одговорните за смртта на Амини и за насилното задушување на протестите.